Започна имплементацијата на проектот Општинско–корисна работа
Проектoт „Поддшка на заедницата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Општина Крушево“ е четврт проект на Општина Крушево од програмата Општинско-корисна работа во која ќе бидат ангажирани 5 невработени лица, распоредени во двете основни училишта на територијата на Општина Крушево – ООУ „Никола Карев“ Крушево и ООУ „Св. Кирил и Методиј“ с.Бучин.
Нивниот ангажман е во насока на совладување на наставниот материјал на одредена категорија на деца, а проектот ќе трае 8 месеци.
Придобивките за општината се од големо значење како за локалната самоуправа така и за ангажираните лица преку:
- Ангажирање и обезбедување социјална вклученост на лицата кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот преку работно ангажирање со скратено работно време заради стекнување на одредени вештини;
- Зголемување на понудата на социјалните услуги согласно потребите на населението;
- Помош за жителите на територијата на локалната самоуправа, преку обезбедување на услуги од социјална сфера.
Овој проект е дел од Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2017 година, а се остварува во соработка со Програмата за развој на обединетите нации – УНДП.