Одбележан 8-ми Септември, Денот на ослободувањето на Крушево и Денот на независноста на Република Македонија
Со полагање на свежо цвеќе пред спомениците на паднатите херои од НОВ и со свечена седница на Советот на Општина Крушево, одбележан беше празникот 8-ми Септември- Денот на ослободувањето на Крушево и Денот на независноста на Република Македонија.
Со Одлука на Советот на Општина Крушево наградата 8-ми Септември, како највисоко општинско признание што Општина Крушево го доделува по повод 8-ми Септември – Денот на ослободувањето на Крушево и Денот на независноста на Република Македонија, се додели на SEKE S.A. Xanthi, Грција и тоа за посебен придонес во областа на економскиот развој и афирмација на Општина Крушево.
Градоначалникот Ѓорги Дамчески исто така додели повеќе пофалници и признанија на здруженија на граѓани и поединци кои со своето работење придонеле за афирмација на Крушево како туристичка дестинација како и пофалници на учениците од ООУ „Никола Карев“ кои покажале посебен успех и се стекнале со признанија и награди во текот на учебната 2016/2017 година.
Пофалници и симболични финансиски средства на најдобрите ученици-првенци на генерација 2016/2017 година.
Признание по повод 8-ми Септември на нашите сограѓани Владо Лазарески, Василика Костадиноска и Сандо Мојчески за посебен придонес во афирмација и реализација на манифестацијата„ Крушево Етно град“.
Признание по повод 8-ми Септември на организацијата на жени „ЦВЕТ“ од Крушево за посебен придонес во афирмација на Општина Крушево во областа на културата и промоција на традиционалните културни вредности.
Пофалница на здружението на граѓани „СИНИЈА“ од Охрид за посебен придонес во афирмација на Општина Крушево во областа на културата, спортот и унапредување на животната средина преку реализација на фестивалот на отворено „WHEN IN KRUSEVO“.
Свечената седница беше збогатена со културно-уметничка програма организирана од учениците, наставниците и професорите на ООУ„Никола Карев“ и СОУ „Наум Наумовски-Борче“ Крушево.
Чествувањето продолжи вечерта со отворање на изложбата на слики „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин кој во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ по повод 8-ми Септември испрати уметничка порака за мир. Од вкупно 33 слики, 21 „цвеќе на мирот“ ќе бидат подарени на галеријата „Никола Мартиновски“. Изложбата беше збогатена со поезијата на поетесите од новоформираното друштво на писатели од Крушево.