Учениците од ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Бучин во посета на партнерското училиште во Бугарија
„Учи и играј со ИКТ“ е меѓународниот проект кој во рамките на Еразмус+ програмата на Европската Унија го реализира општинското основно училиште „Св.Кирил и Методиј“ од Бучин, Општина Крушево.
Во рамките на проектот 11 ученици од населените места Бучин, Пресил и Свето Mитрани, заедно со 5 наставници, беа одлично пречекани од нивните домаќини од училиштето „Димче Дебељанов” во Бургас, Бугарија.
За време на посетата покрај учество со свои точки во одбележувањето на патрониот празник на училиштето од Бургас, учениците и наставниците имаа можност да посетат и повеќе знаменитости во Бургас како и Планетариумот и Делфинариумот во Варна.
Сепак основна цел на размената беше стекнувањето со нови знаења од примената на ИКТ содржини во наставата што и во целост беше исполнето преку посетата на наставни икт часови кои се реализираа во училиштето – домаќин.
Благодарение на овој проект, учениците ќе имаат можност да ги развиваат јазичните, комуникациските и математичките способности преку примената на икт технологијата.
Оваа посета е само една од многубројните активности кои ќе се спроведат во иднина преку истиот проект. Во периодот од 8 до 11 април 2017 година, училиштето во Бучин ќе прерасне во центар кој во себе ќе обедини училиштата од повеќе европски земји кои се дел од проектот. Во работна посета на ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Бучин ќе пристигнат наставници и директори на училишта од Ирска, Бугарија, Хрватска, Португалија, Австрија, Литванија и Шпанија. Само 40-тина дена подоцна во возвратна посета ќе пристигнат ученици и наставници од партнерското училиште во Бургас, кои за прв пат со своето присуство ќе го збогатат одбележувањето на патрониот празник на училиштето во Бучин.