Обнова на куќа од старата градска архитектура

Реализирана e првата фаза од проектот за конзервација на фасадата на куќата на ул. „Нико Доага“ бр. 65 во Крушево, која е дел од проектот на Владата и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.

Конзервацијата на објектот се одвива во неколку фази, а стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во рамките на првата фаза извршија целосна замена на потпокривната конструкција и препокривање на куќата со камени плочи. Претходно на објектот беше извршено зајакнување на темелите, а се работеше и на обликување на фасадата со основните градежни материјали, дрво и камен, со цел зачувување на амбиенталноста на куќата.

Објектот има конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, а во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Целта на проектот е целосно да се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“. Тоа ќе придонесе за оформување комплетна слика за градителското наследство на Крушево.

По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка, куќата на ул. „Нико Доага“ број 65, е трет објект од староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево на кој се обновува фасадата.

Галерија