Крушевска Софра 2014
Крушевчани уште еднаш се покажаа како врвни мајстори за организирање настани преку кои се промовира македонската култура и традиција. Неделава на едно место, во градскиот парк се собраа најдобрите крушевски угостители кои се претставија со дел од нивните специјалитети. Покрај угостителите, на манифестацијата учествуваше и Средното општинско училиште „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево, од каде со години произлегуваат најдобрите кувари и келнери, чии услуги се ценети и барани насекаде низ Македонија и Балканот.
Настанот го збогатија и најпознатите македонските винарии, кои уште еднаш докажаа дека во нашата земја се прави многу убаво вино.
Многубројните посетители покрај во прекрасната храна и вкусното вино, уживаа и во звуците на македонската народна песна.
На „Крушевската софра“ беа и познатите наши естрадни уметници Блага Петреска и Ефто Пупиноски, кои приредија вистинска забава за сите присутни, кои не ги „штедеа“ своите аплаузи, но и заиграа на песните од Блага и Ефто.
Се на се, ова беше уште еден прекрасен ден во Крушево!
„Крушевската софра“ годинава се одржа по втор пат, што покажува дека е одлично прифатена од граѓаните, кои веруваат дека ќе прерасне во традиција и од година во година ќе привлекува се поголем број на туристи во градот.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крушево град на културата за 2014 година“ која е поддржана од Општина Крушево и Министерството за култура на Република Македонија.