Отворена „Влашката соба“ во Крушево
Во Крушево свечено се отвори „Влашка соба“. Со тоа градот ја зголеми својата културно – туристичка понуда, а туристите сега имаат уште едно место кое задолжително мора да го посетат, кога ќе дојдат во „Градот музеј – Крушево“.
Пред многубројните присутни гости, се обрати градоначалникот на Општина Крушево, г-дин Ѓорѓи Дамчески кој истакна: „ Во нашиот град власите и македонците од секогаш живеат не еден покрај друг, туку еден со друг. Доказ за почитта кон нашите сограѓани од влашко потекло е и самиот факт, што со посебна одлука на Советот на Општина Крушево, влашкиот јазик е прогласен за официјален, со што Крушево е единствената општина во Македонија, каде влашкиот јазик е службен. Дамчески ја искористи приликата и им се заблагодари на сите стари крушевчани од влашко потекло, кои воопшто не се штедеа и со своите совети помогнаа успешно да се реализира проектот и на сосема автентичен начин да се претстави влашката култура.
„Влашка соба“ е само еден дел од проектот кој од почетокот на годинава, започна да го реализира општина Крушево. Во месец јули, ќе се промовира брошура каде ќе бидат запишани најзначајните податоци за културата и традицијата на Власите во Крушево. Во истиот период ќе се презентираат и автентични влашки носии кои веќе се изработуваат, а ќе се организираат и други промотивни настани. Проектот „Денови на влашката култура“ со 18 000 евра е финансиран од страна на Европска Унија, а имплементиран од страна на Советот на Европа, а со свои средства учествува и Општина Крушево.