Крушево е пред нов предизвик, да го зачуваме нашиот град!

Почитувани,

Општина Крушево не е изолирана од останатиот дел од државата и секојдневно се забележува висока бројка на Ковид 19 позитивни граѓани. Вирусот е широко распространет и сведоци сме и на реинфекции.

Како граѓани сме одговорни да се заштитиме, да ги заштитиме другите и доколку чувствуваме симптоми да ги намалиме социјалните контакти и да преземеме чекор за испитување. Апелираме на високо ниво на свесност затоа што овој вирус не поштедува никого.

Како општина од почетокот на пандемијата работиме на дезинфекција, снабдување со маски и обезбедување средства за најпогодените од оваа криза. Уште од почетокот, исто така, општината и ТППЕ Крушево асистираат на граѓаните во изолација, а презедовме мерки и за помош на угостителскиот сектор како најпогоден. Овие активности ги спроведуваме континуирано, а во соработка со централната власт продолжуваме со работа на адресирање и на останатите предизвици кои претстојат.

Апелирам да се вакцинираме! Овој апел се однесува и на примање на трета доза која, според експертите, дава дополнителен имунитет кој ќе го скрати патот до крајот на оваа криза.

Да мислиме на нас, на нашите најблиски, на повозрасните и на вработените во здравствениот сектор.

Да бидеме одговорни и да си го чуваме нашето Крушево.

Ваш градоначалник,
Томе Христоски.