65 години Архив Прилеп, продолжува соработката со општина Крушево
По повод 65 години постоење на Државен архив на Република Северна Македонија – одделение Прилеп градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски одржа средба со раководителката на Архив Прилеп Елена Чагороска.
Градоначалникот Христоски доби примерок од монографијата насловена „65 години Архив во Прилеп (1955 – 2020) и со тоа се означи продолжувањето на соработката меѓу општина Крушево и Архив Прилеп.
„Честитам за 65 години успешна работа и се заблагодарувам што добив издание од монографијата во коe се собрани сите информации за историскиот развој на Архивот. Благодарам на раководителката Чагороска и посакувам уште многу години работа и секако соработка со нас.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
„65 години архив во Прилеп (1955 – 2020)“, во редакција на Елена Чагороска, претставува своевидно огледало на работата на Архивот во Прилеп, кој веќе 65 години се афирмира како важен темел на македонскиот идентитет, самобитност и државност. Со својот богат културен и историски трезор со архивски фондови и материјали, овозможува домашните и странските истражувачи да имаат пристап до живописната ризница. Целта на оваа монографија е да се информира јавноста за работата и историскиот развој на институцијата, нејзината надлежност и задачи, но и со постигнатите резултати во областа на заштитата на архивскиот материјал и унапредувањето на архивската дејност.