Одговор на прес конференција на ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево
Почитувани,
Претседателката на општинскиот комитет на партијата ВМРО ДПМНЕ Крушево Билјана Проеска вчера излезе со одредени обвинувања за повик за враќање на туристичката такса објавен и спроведуван од Министерство за економија за кои сметаме дека не се точни и општина Крушево преку ова соопштение ќе ги информира граѓаните за фактичката состојба.
Општина Крушево во изјавата за медиумите беше обвинета дека не ги информирала граѓаните, и тоа го направила тенденциозно, во однос на враќање на туристичката такса, како дел од повикот од 4-от пакет мерки на Владата преку Министерството за економија.
Најпрво. Општина Крушево немаше обврска да ги информира граѓаните по однос на повикот. Тој повик е објавен и импелементиран од страна на Министерството за економија и преку свои канали ги информира граѓаните. Но, локалната самоуправа веднаш по објавувањето на повикот пристапи кон активна промоција на повикот на неколку начини. Повикот беше објавен на општинската интернет страница и неколкукратно споделуван на социјалните мрежи кои се следени од неколку илјади луѓе. При комуникацијата со угостителскиот сектор туристичките работници беа и усно информирани за овој повик и можностите што ги нуди. Одделението за локален економски развој беше активно вклучено во информирање и асистирање на туристичките работниците.
Во однос на останатите обвинувања заради наводна негрижа на општината, општина Крушево изминатата 2020-та година овозможи одложено плаќање на туристичката такса. Со тоа, граѓаните не беа оптоварени со тој трошок во текот на цела година. Туристичкиот сектор се помагаше и на други начини – одложени плаќање на таксата за пред-простор и слично. Локалната самоуправа излегуваше во пресрет на угостителите и така ќе остане и во иднина за штетите од минатата година да се покријат колку што може повеќе. Она што е важно е дека општините не секаде имаат доволно ингеренции за да делуваат на таксите.
Контра аргумент на обвинувањата дека општината не се грижи за угостителите е и самиот факт што во 2020-та година се отворија неколку нови сместувачки капацитети. За нив и за сите останати општината изразува постојана поддршка и излегува во пресрет на потребите, а гледаме дека сместувачкиот капацитет постојано се проширува.
Сите давачки кои се однесуваат на приватниот сектор беа сведени на минимум и со тоа се овозможи уште едно олеснување заедно со сите одложени плаќања.
Напоменуваме уште еднаш дека општина Крушево овозможи одложено плаќање на туристичката такса на неодредено време за сите издавачи меѓу кои е и самата претседателка на ОК ВМРО ДПМНЕ Крушево која има свој сместувачки капацитет со своја категоризација. Ова е само една од мерките кои локалната самоуправа ги презеде за да помогне на угостителскиот сектор.
Во однос на повикот од Министерството сакаме да ги информираме граѓаните за неколку работи:
- Повикот беше целосно спроведуван од Министерството за економија, а општината самоиницијативно пристапи кон информирање и помош на граѓаните,
- Проеска побара повикот да биде продолжен. Иако, ова беше упатено на погрешна адреса, сепак за точно информирање на граѓаните ќе појасниме дека не е точно дека рокот за аплицирање не бил продолжен. Министерството за економија на барање на граѓаните го продолжи рокот за аплицирање,
- Враќањето на туристичката такса функционираше на принципот „Прв дојден, прв услужен“
- Сите заинтересирани свои апликации ги испраќаа до Министерство за економија, а не до општина Крушево, токму како што беше наведено во изворниот повик.
Почитувани,
Угостителскиот сектор претрпи големи загуби во 2020-та година. Работиме секојдневно да помогнеме на секторот за во оваа 2021-ва да можат да покријат дел од свои загуби. Од овие причини туристичките работници не смеат да се злоупотребуваат, особено не за политичките цели.