Сувенирниците на „Гумење“ се ставаат во функција
Започнува постапката за ставање во функција на 5-те сувенирници на „Гумење“ кои беа изградени во рамки на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“.
Со оваа постапка ќе се отстранат дивите продавачи и ќе се отвори простор за изнајмување на овие објекти, а секако и уредување на просторот на „Гумење“ на кое место се наоѓаат многу музеи и споменици.
„Денеска започнавме со постапка на уредување околу сувенирниците на ,,Гумење”, за да во најскоро време започнеме со нивно издавање на потенцијални закупци и легализирање на дивите препродавачи.“, напиша градоначалникот Томе Христоски на својот профил на „Фејсбук“.
Сувенирниците беа поставени во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност финансиран од ЕУ, администриран од Светска Банка и имплементиран од Канцеларијата на Проектот, Канцеларијата на Вицепремиерот за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија и општина Крушево.
Локацијата и самиот изглед на сувенирниците е одобрен од страна на НУ Завод и музеј Прилеп со почитување на сите законски норми и регулативи.