Визири за сите локални продавници
Вработени во општина Крушево денес доделија визири изработени од млади ентузијасти на сите продавници во град Крушево. Се доделија околу 60 визири со што се опфатија сите продавници, а претходно општината обезбеди маски и ракавици за истите.
Визирите се изработени од тројца млади ентузијасти кои покажаа инвентивност и свесност за состојбата во која се наоѓа општината, државата и светот. Се работи за следните млади луѓе: Михајло Фити, Петар Начески и Бојан Ќушкоски од Кривогаштани поранешен ученик на СОУ „Наум Наумовски Борче“ Крушево.
„Обезбедуваме заштитна опрема за сите оние граѓани кои се најизложени на опасноста. Од 15 март наваму секојдневно преземаме активности во насока на спречување на ширење на корона вирусот.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Претходно општина Крушево извести дека се ангажираат осум лица за помош на стари и изнемоштени лица, лица со посебни потреби и луѓе во социјален ризик и за оваа намена УНДП овозможи дополнителна опрема.