Општина Крушево во трка за најдобра општина во партиципативно буџетирање
Општина Крушево е една од четири општини со најголема можност да го исполни индексот на транспарентност во рамки на проектот „Мои пари, моја одговорност“ на „Фајненс тинк“, Фискаст мрежата, УСАИД и партнерите невладини организации.
Дел од овој проект се 11 општини и во потесен круг покрај Крушево се општините Крива Паланка, Ѓорче Петров и Кавадарци и овие 4 општини забележуваат највисоко ниво на овозможување на учество на граѓаните во процесот на креирање на буџетот. Индексот на транспарентност всушност треба да покаже колку од барањата на граѓаните се отсликале во буџетот за 2020 година и со тоа колку граѓаните се вклучени во работата на локалната самоуправа.
Во рамките на проектот беше одржана и јавна расправа на која граѓаните на општина Крушево ги искажаа своите барања и размислувања за предлог-проекти и најголемиот дел од нив се најдоа во буџетот за оваа година.
„Со ова покажуваме дека ни’ значи транспарентноста и сакаме барањата и потребите на граѓаните да се отсликуваат во нашата работа. Всушност, ние сме тука за граѓаните, а не обратно. Така што, се заблагодарувам на „Фајненс тинк“ и Фискаст мрежата кои преку овој проект ни помагаат да го подигнеме нивото на транспрентност и со тоа да ја зголемуваме довербата на граѓаните во локалната самоуправа“, изјави градоначалникот на општина Крушево.
Севкупната цел на проектот “МОИ ПАРИ, МОЈА ОДГОВОРНОСТ”: ПАРТИЦИПАТИВНО БУЏЕТИРАЊЕ ВО ОПШТИНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА“ е да се подобри праксата и учеството на локалните засегнати страни во процесот на локално буџетирање и да се зголеми ефикасноста на трошењето на општински пари.