Продадени 7 парцели на Станич и една во „Опаленик“
Со објавата на општина Крушево за оттуѓување на градежно земјиште на скијачките терени Станич беа откупени сите седум парцели од страна на две претпријатија. Парцелите се со големина од над 300 метри квадратни и тука ќе се градат објекти за услужни угостителски дејности.
Исто така, општина Крушево оттуѓи една парцела во индустриската зона „Опаленик“ со големина од 22 261 метри квадратни. Оваа парцела е закупена за изградба на нови погони на производство од лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта.
„Општината се развива од повеќе страни. Од една страна се нашите инвестиции во инфраструктурата со средства од државни и меѓународни фондови. Се градат патишта, резервоари за вода, канализации, градинки, се инвестира во туризмот, јавната хигиена и сл. Од друга страна, е овој дел кој припаѓа на приватниот сектор со наша поддршка. Откупени се парцели за туристички и комерцијални објекти на Станич и со тоа зимскиот и авантуристички туризам продолжува да се развива, а со продажбата на парцела во индустриската зона се отвора пат за нови работни места, производство и дополнително раздвижување на локалната економија. Општина Крушево секој ден се менува на подобро.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.