За Нова година Крушево преполно, „наплив“ од туристи и за Божиќ
За новогодишната ноќ и на 1-ви јануари Крушево го посетија околу 1 500 луѓе, претежно посетители од државава. На градскиот плоштад на настапот на Викторија Лоба присуствуваа меѓу 400 и 500 граѓани и посетители, а локалните кафулиња, ресторани, хотели и сместувачки капацитети беа исполнети.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски на новогодишната вечер ги посети дежурните служби и порача дека вработените во службите се грижат за безбедноста и здравјето на граѓаните за најлудата ноќ и сите 365 дена од годината.
„Традиционално на новогодишната вечер, посета и честитки до дежурните служби кои се грижат за нашето здравје, безбедност и имот. На сите мои сограѓани им ја честитам Новата 2020 година!“, напиша градоначалникот Христоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Во текот на викендот што претстои за Божиќ и Бадник Крушево очекува уште еден „наплив“ од туристи заради богатата понуда на општината, чистиот воздух и препознатливоста на градот како туристичка дестинација.
На 5-ти јануари во Крушево ќе се одржи настанот „Дева – во чест на Новото раѓање“ кога цел град е опкружен со црвени ѕвезди и песна, празник и традиција карактеристични само за Крушево и Витлеем, Ерусалим. Во рамките на овој настан ќе се одржи и Божиќен базар во органзиавија на Крушевска жена. На 6-ти ќе се одржат две бадникови поворки во градот.