Завршуваат едни, почнуваат други проекти
Покрај тековните работи на терен, како изградба на вечно почивалиште на Тоше Проески, асфалтирање на патот до Крушевско Езеро, реконструкција на локални улици, општина Крушево заврши неколку проекти, но и отпочна нови на територија на цела општина.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски преку социјалните мрежи извести дека заврши процесот за избор на изведувач за изградба на резервоар за вода во с. Белушино, а резервоарот за вода во с. Борино е официјално пуштен во употреба.
Покрај ова, во напредна фаза е реконструкцијата на патот кон с. Саждево во должина од 2 и пол километри, изградба на фекална каналзиација прва фаза во с. Норово, а новиот пат од с. Борино до с. Житоше е веќе завршен.
Во однос на патната инфраструктура градоначалникот Христоски ја извести јавноста дека за патниот правец од град Крушево кон с. Пуста Река извршен е вовед во работа на изведувачот и официјалната реконструкција ќе започне на пролет со подобри временски услови.
Претходно, општина Крушево активно работеше на реконструкции на горната училишна зграда и спортската сала во Крушево, реконструира над 20 локални улици, потоа асфалтираше пат до с. Јакреново и во соработка со општина Кривогаштани се реконструираше патот од с. Бучин до с. Воѓани.