Крушево центар на македонската одбојка ова лето

Ова лето Крушево е центар на одбојкарски подготовки на репрезентацијата и неколку клубови. Во моментов женската македонска репрезентација до 19 години е на подготовки, а во периодот од 12-ти до 19-ти јули тука престојуваа одбојкарите/ките од „Волеј стар Шапе“ (Volley Star Shape).

Тимот на „Волеј стар Шапе“ со околу 20 членови ги одржуваа тренинзите во спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“, но и „пробаа“ многу од крушевските искуства: кајак, авантуристички парк, прошетки до ски терените и Мечкин Камен и друго.

„Благодарност до градоначалникот Томе Христоски и општина Крушево за преубавиот пречек и одличните услови што ни ги овозможија за непречено тренирање. Ние како одбојкарски клуб сме презадоволни од условите кои ги нуди овој спортски објект кој секој спортски клуб само би посакал да ги има. Апел до сите спортски клубови во Македонија, слободно донесете ги вашите спортисти на висински припреми и уживајте во убавините кои ви ги нуди Крушево, како на рекреативен така и на професионален план.“, напиша тренерот Јован Шапе на својот Фејсбук профил.

Во периодот на месец јуни на подготовки во Крушево беше и женската репрезентација во категоријата до 17 години.