Полициски час од 19 ч., зголемување на бројот на тестови и поинтензивна работа на изолирање на позитивни и сомнителни

Општинскиот кризен штаб предлага полицискиот час во наредните 3 недели за Крушево да започнува од 19 часот, се донесе заклучок да се дуплира бројот на тестови за корона, како и, меѓу другото, поинтензивна комуникација меѓу ОВР Крушево и здравствениот дом.

На денешната седница на општинскиот кризен штаб се донесоа заклучоци и беа делегирани обврски на служби и институции во насока на спречување на ширење на коронавирусот.

Општинскиот штаб ќе побара од централниот полицискиот час да започнува од 19 часот и да трае до 5 часот наутро. Оваа мерка се предлага да важи во наредните 3 недели.

Штабот донесе заклучок да се зголеми бројот на тестови за коронавирус и со тоа бројот на тестови ќе се зголеми двојно, а контактите ќе се таргетираат побрзо и поефикасно.

Ќе се интензивира комуникацијата меѓу ОВР Крушево и здравствениот дом во насока на укажување за изолација на позитивни и сомнителни случаи. ОВР Крушево со ДПИ ќе продолжи со засилени контроли, особено во угостителските објекти за почитување на мерките.

ТППЕ Крушево ќе продолжи со редовна дезинфекција, а општината и ОО Црвен Крст Крушево ќе формираат тимови од волонтери за помош на граѓаните во изолација.

Се предлага јавната администрација да го организира работењето по принцип на ротација.

Кризниот штаб апелира граѓаните да го сведат движењето на минимум со цел да се намалат контактите и да се стесни просторот за ширење на вирусот.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски извести дека општина Крушево ќе продолжи со асистенција во изработка на решенија за изолација и ќе спроведува активна кампања за почитување на мерките.