Одржана првата форумска сесија, граѓаните предложија 7 проектни решенија

Во пензионерскиот дом во Крушево вчера (27.02.2020) се одржа првата форумска сесија во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“. На форумот учествуваа околу 60 луѓе и од истиот произлегоа седум (7) проектни идеи.

Во воведот се обратија градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и претседателот на советот Тома Петроски кои ги повикаа граѓаните да земат активно учество за да произлезат проекти кои вистински ќе ги отсликуваат потребите на граѓаните.

Драго ми е што продолжуваме да ја практикуваме партиципативната демократија во нашата работа. Проектот „Зајакнување на општинските совети“ не е само корисен заради финансиските средства кои ги добивме по нашата апликација, туку и заради поголема транспарентност на општината и Советот и вклучување на граѓаните во одредување на кој и каков проект да се искористат средствата обезбедени преку проектот. “, рече градоначалникот Томе.

Претседателот на Советот на општина Крушево потенцира дека проектот се состои од два дела, односно првата компонента се однесува на подобрување на транспарентноста на Советот, а втората за имплементација на еден до три приоритетни проекти. За првата компонента на располагање се 12 000 швајцарски франци, додека за втората 50 000 швајцарски франци.

Оваа сесија е прва од вкупно пет на кои ќе бидат одредени приоритетни проекти за финансирање со обезбедените средства преку горе именуваниот проект

Форумот е дел од Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.