Утре започнува тампонирање на патеки до земјоделски површини во Алданци и Врбоец, понеделник во Борино, Саждево и Пресил

Од утре започнува тампонирањето на патишта до земјоделски површини во с. Алданци и с. Врбоец, а денес градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски денес беше на увид во работите.

Покрај во Алданци и Врбоец од понеделник ќе се продолжи со тампонирање и во селата Борино, Пресил и Саждево во вкупна должина од 3 километри.

„Обезбедивме средства преку Пелагонискиот регион за да им овозможиме полесен пристап на жителите на населените места Алданци, Врбоец, Борино, Пресил и Саждево до нивните обработливи површини. Ова е од големо значење за нив и затоа во нивни интерес издејствувавме средства за да им ја олесниме работата, но и во функција на развој на руралните средини, затоа што Крушево не е само градот, туку и населените места.“, изјави градоначалникот на општина Крушево по денешниот увид во работата.

Тампонирањето на пристапните патеки се имплементира од страна на Општина Крушево и Пелагониско плански регион преку Програмата за капитални инвестиции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој.

На фотографиите подолу можете да го погледнете увидот на градоначалникот Христоски на местата каде што ќе се тампонира и фотографии од делници по населените места каде што ќе се извршуваат активностите.