Средба со претставници на Францускиот институт, закажани неколку заеднички настани

Денес во кабинетот на градоначалникот на општина Крушево се одржа средба меѓу градоначалникот Томе Христоски, директорите на основното и средното училиште Оливера Чавкароска и Снежана Миленкоска, од една страна, и Емануел Рембер, Љупка Димова и Бранко Чобанов од Францускиот институт во Скопје, од друга страна.

На средбата беше договорено да се преземат неколку заеднички активности кои ќе ја продлабочат соработката на Крушево со Францускиот институт во Скопје.

На 7-ми јуни општина Крушево, СОУ „Наум Наумовски Борче“, ООУ „Никола Карев“, ЈП „Комуна“ во соработка со Институтот, МАНУ, „Гоу Грин“ (Go Green) и Амбасадата на Швајцарија ќе организираат голема акција за чистење од пластика, на три пункта во општина Крушево меѓу кои спаѓа и слетиштето за параглајдеристи меѓу Врбоец и Св. Митрани како илустрација за посветеноста на општина Крушево и нејзините партнети во подобрување на условите за развој на туризмот во Крушево.

Дополнително, во соработка со основното и средното училиште ќе се работи на запознавање и промоција на францускиот јазик во Крушево преку натпревар за најдобри литературни творби со вклученост на учениците од двете училишта. Натпреварот за литературните творби, односно содржината на творбите, покрај промоцијата и употребата на францускиот јазик, ќе ја опфати темата на јавна хигиена со цел подигање на свеста за важноста од здрава и чиста животна средина.

Исто така, ќе бидат потпишани неколку меморандуми кои ќе бидат основа за продлабочена понатамошна соработка во повеќе области.