Одобрени средства за изградба на патот Борино – Житоше

На вчерашната 129-та седница (10.04.2019) на Владата на Република Северна Македонија Владата одобри средства за финансирање на проекти за развој на планските региони меѓу кои спаѓа и патот од с. Борино кон с. Житоше.

Финансирањето на проектот доаѓа на предлог на Министерството за локална самоуправа, на претходна апликација на општина Долнени, а истиот ќе го имплементира општина Крушево во соработка со општина Долнени преку Центарот за развој на пелагонискиот плански регион.

„На предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата на РСМ денеска донесе Одлуката за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони за 2019 година во вкупен износ од 288.746.849,00 денари.“, стои во соопштението на Владата од последната седница.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски изразува особена благодарност до општина Долнени за соработката и нивниот придонес во реализацијата на проектот, но и до Министерот за локална самоуправа.

„Имаме одлична соработка со градоначалникот на општина Долнени и мој драг пријател Џемил Ќамили кои сериозно се заложија за овој проект да успее. Исто така, проектот ќе биде имплементиран со асистенција на Центарот за развој на Пелагониско планскиот регион по иницијатива на Министерството за локална самоуправа и министерот Дејан Павлески.“, вели градоначалникот на општина Крушево.

Градоначалникот потенцира дека заеднички интерес на двете општини е заеднички да се решаваат горливите проблеми на граѓаните.