Се одржа ФИС Ролер ски купот „Тоше Проески“, Ставре Јада најдобар

Викендот што измина(25 и 26 август) по втор пат во Крушево се одржа ФИС Ролерс ски купот „Тоше Проески“ на кој и во двете категории крушевчанецот Ставре Јада ги однесе победите.

Настанот беше официјално отворен во петок, 24.08.2018, со полагање на цвеќе на гробот на Тоше Проески од страна на Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и претседателот на организациониот одбор на натпреварот Васил Сокле.

Во спомен куќата „Тодор Проески“ се обрати Министерот Оливер Спасовски кој порача дека Министерството кое го раководи ќе продолжи да го поддржува настанот и го озраси своето задоволство што со овој настан уште еднаш се спомнува името на Тоше.

Градоначалникот Христоски порача дека благодарение на овој настан Крушево привлекува туристи, но и се враќа и повторно се развива спортот во општината.

„Овој настан значи промоција на Крушево. Овој настан значи дека Крушево го исполнуваме со настани кои привлекуваат туристи. Овој настан значи дека го издигнуваме Крушево на туристичката мапа. Овој настан значи дека го враќаме спортот во нашата општина.“, потенцира Христоски во своето обраќање.

Тој се заблагодари на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за млади и спорт што го поддржаа овој настан.

ФИС Ролер ски куп „Тоше Проески“ се одржува по втор пат во Крушево во организација на општината, ресорната федерација, Олимпик-скии клубот од Крушево, фондацијата Тоше Проески, а поддржувачи се Министерството за внатрешни и Агенцијата за млади и спорт.