Официјално отворено Европското и Светско првенство во змејарство

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски вчера (9.07.2017) официјално го отвори Европското и Светско првенство во змејарство, а како дел од манифестацијата за отворањето се обрати и директорот на Првенството и настапи музичката група „Фолтин“.

Градоначалникот Христоски во своето обраќање потенцира дека Крушево полека прераснува во дестинација за авантуристички туризам и на натпреварувачите им посака успешно и безбедно првенство.

„Работевме и продолжуваме да работиме на подобрување на условите за практикување на овој спорт и ќе продолжиме да работиме на развивање на Крушево како дестинација за авантуристички туризам. Заедно со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот поставивме нова вештачка трева и го уредивме полетувалиштето на Мечкин Камен, а со Воздухопловната федерација на Македонија се посветивме на промоција на ова Првенство и на Крушево. Сакам да ви се заблагодарам за вашето присуство тука и на натпреварувачите им посакувам успешно и безбедно првенство.“, порача градоначалникот на општина Крушево.

Останатите говорници порачаа дека ова е еден голем настан, а наредната година следи уште едно големо првенство, а тоа е Светското параглајдинг првенство кое исто така се одржува во Крушево.

Отворањето започна со пешачење од хотел Монтана Палас од каде што натпреварувачите беа водени од млади момчиња и девојчиња облечени во народни носии и во раце носејќи ги натписите за секоја земја учесник пешачеа до центарот на градот каде што се одржуваше приредбата. Колоната ја предводеше македонска народна музика се до градскиот парк во град Крушево.

Групата „Фолтин“ направи одлична неколкучасовна забава во центарот на Крушево со што се означи крајот на манифестацијата за отворањето.