Министерката за култура во работна посета на Крушево

По повод реконструирањето на галеријата „Никола Мартиноски“, обновувањето на уште една фасада на куќа со староградска архитектура како и оградувањето на споменикот Илинден кој ќе почне да се реконструира откако ќе заврши тендерската постапка, проекти кои се реализират со средства од Министерството за култура,  Крушево го посети Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која се запозна со текот и одвивањето на проектите.

Покрај овие  има и други проекти кои ќе се реализираат во Крушево со поддршка од Министерството за култура и општина Крушево. Меѓу нив е уредувањето на поставката во Историскиот музеј, што се планира за идната година, а во Спомен куќата на Тоше Проески ќе продолжи музичката работилница која како проект беше воведена минатата година со предавањата за гитара на Влатко Стефановски.

Посетата ја заврши со посета на вечното почивалиште на Тоше Проески.