Спорт

Спорт

Крушево е посетено од домашни и странски туристи во текот на целата година. Прекрасната околина, климата и извонредните природни ресурси со кои располага, го прават познат зимски туристички центар. Привлекува со прекрасните скијачки терени и патеки за зимско трчање; има погодни терени за секаков вид планинарење; во непосредна близина е езерото кое дава можности за развој на летен туризам, поседува прекрасни спортски терени за спортување и рекреација. Во непосредната околина на градот се наоѓаат излетничките места, кои се соодветно опремени; идеални се условите за одржување на екстремни спортови (за летање со параглајдери и лесни едрилици), а секоја година се одржуваат авто-трки на државно ниво. Во Крушево се одвиваат и многу културни манифестации. Ова е причина и Вие да го посетите овој прекрасен град .

Параглајдерството е еден од се попопуларните, атрактивни, екстремни спортови во светот, во кого уживаат храбрите заљубеници на височините. Метеролошките услови, термичките струења на воздухот во текот на целата година а особено во јули и август се идеални за развивање на овај спорт во околината на Крушево. Просторот е многу питом, пошумен, широк и безбеден. Од особена важност е фактот што целиот планинскиот масив е свртен кон рамнината Пелагонија што е најважен фактор за безбедноста на летањето. Љубителите на параглајдерство и едриличарство го посетуваат Крушево во текот на целата година. Мошне голема е посетеноста за време на државните натпревари, како и на интернационалниот шампионат ”Илинденски куп” (првиот е одржан на 2 август 1992г.) на кого учествуваат натпреварувачи од Македонија, Србија и Црна Гора, Грција, Бугарија, Турција, Словенија, Чешка, и т.н.

Спортски Лов и Риболов Крушево нуди можности за спортско рекреативни активности, како лов и риболов. Околу Крушево се протега појас од борова и букова шума. Коријата го штити градот од временски непогоди, а понатаму продолжува во букова и дабова шума на падините од Бушова Планина.Шумите се богати со дивеч: срна, дива свиња, мечка, волк, зајаци, рис, од птиците: сокол, орел, еребица. Уживателите на планинарењето можат да престојуваат во дивината во текот на целата година, а да се занимаваат со спортски лов во периодот од месец октомври до февруари во годината. Спортскиот лов има долга традиција за мештаните, но и како спортско рекреативен туризам за градот.Од 1990 г. веќе 15 години континуирано доаѓаат пасионирани ловци од Италија од градот Мантова.Тои се присутни во Крушево во месеците октомври или јануари и тоа секоја година во периодот кога се лови крупен дивеч и во месец август кога се лови (прелетен) перјаст дивеч. Љубителите на спортскиот риболов можат да ловат во Крушевското Езеро кое има богат рибен фонд (крап, караш, клен, охридска и калифорниска пастрмка, црвеноперка, плашица, толстолобик и т.н.) . Риболовот е дозволен во текот на целата година со исклучок на месец јуни периодот на мрестење кај рибите. Околината на езерото изобилува со зеленило, дрвја и прекрасна природа каде може да уживте во долги прошетки набљудувајќи ја прекрасната природа. Качувајќи се по течението на рекичката која се влива во езерото, на 500 м. оддалеченост од езерото се протега букова шума со својата раскошна убавина каде е сместено детското одморалиште “Шула Мина”. Тука училишните деца од Македонија го поминуваат летниот распуст далеку од бучавата на возилата во нивните градови, дишејќи свеж и чист воздух.

Планинарење Рекреативното и спортско планинарење опфаќа најразлични активности од најобични излети во планина, потоа повеќедневни планински маршеви, па качување на планински врвови, движење со скии низ планина. Сето тоа има за цел спортување и рекреација со што човекот може да ги пронајде убавините и радостите што планината ги нуди, како и духовното богатство што планината неповторливо му го дава на секој нејзин искрен посетител. Дружењето со планината е универзална можност да го проучуваме светот и самите себе си како дел од него. Крушево се карактеризира со извонредни природни услови за развој на планинарски туризам, пешачење во лето и зима, ориенатционен спорт, планински велосипедизам, обука на планинари за скијање и движење со турно скии и. т.н. Во зимски услови конфигурацијата на теренот, надморската висина, климата и наизменично голите и пошумените зони се елементи кои овозможуваат трасирање на пешачки стази по снежните патеки. За пасионирани планинари кои се спремни за подолго пешачење постои трасирана патека означена со планинарски маркици во должина од 30 км. од Крушево кон врвот Мусица, надморска висина 1788 м., каде се наоѓа „ Ловечка куќа “ , комплетно опремена со 15 лежаи за сместување, одмор и ноќевање на планинарите.

Планински велосипедизам е нова атракција во планинарството. Во овој регион постојат извонредни услови за велосипедски патеки по планински терен што исто така претставува атрактивен спорт.

Зимски Спортови Крушево е познат зимски туристички центар во Македонија. Негова предност е тоа што зимската сезона трае од месец Ноември до крајот на Март. Зимите се благи, сончеви и со доста снег. Скијачките терени на Бушова планина од двете страни се 1200м и 1400м. Љубителите на зимските спортови ги користат скијачките терени недалеку од градот. Скијачките терени се наоѓаат на месноста Станич, која е опремена со ски-лифтови: Двосед скилифт со капацитет 720 лица/час; двосед скилифт 700 лица/час; едносед капацитет 600 лица/час. Скијачките клубови од Крушево организираат школи за скијање за почетници, со изнајмување на комплетна скијачка опрема. Постојат и терени за скијачи професионалци, а тоа е патеката што се наоѓа под жичарницата и скијачките патеки за нордиско трчање.