Водич за инвеститори

Локалниот економски развој на општината Крушево во периодот на транзиција забележа големи промени во негативна насока. Тие во основа беа условени од неприспособливоста на стопанските субјекти успешно да го завршат процесот на приватизација. Како резултат на тоа беа затворени сите поголеми стопански капацитети во кои беше ангажиран поголем дел од работната сила. Долгите стечајни постапки и ликвидацијата на стопанските субјекти ја промени сликата на Крушево од општина во која речиси и да немаше невработени лица во општина со огромна невработеност.Денес расположивите ресурси, како и потенцијалните можности за поттикнување на локалниот економски развој на општината Крушево се многу ограничени. Објектите од фирмите кои некогаш беа во функција се потенцијал кој може да послужи како основа за нов старт на економскиот развој. Општината во своите редовни активности ги промовира како можности за влез на потенцијални инвеститори, но досегашните напори на вродија со плод. Најголем ограничувачки фактор е нерешениот имотно-правен статус на истите (немање на имотен лист), што ги одвраќа потенцијалните домашни и странски инвеститори. Рестартирањето на овие капацитети може да придонесе за значително ублажување на постојната мошне голема невработеност во општината. Општината Крушево располага и со рудно богатство. Тоа го потврдуваат опсежните истражувања на релевантни институции. Најзастапен е кварцот кој е со чистота од 98% (се наоѓа на подрачјето на с. Селце, с. Саждево и с. Јакреново), боксит со чистота од 28% (с. Пуста Река), злато и волфрам во количина од 17 гр/тон (подрачје на с. Пуста Река). Во експлоатација е само кварцот, од само една фирма со мал капацитет. Концесиите за користење на овие потенцијали се во надлежност на релевантни републички органи.

Општината Крушево изврши ревизија на Стратегијата за економски развој за периодот 2009-2014 година. Во истата се потврдуваат фокусираните стратешки области на идниот економски развој. Рангирани според важноста тоа се:

– Туризамот

– Занаетчиството и малите бизниси

– Руралниот развој

– Екологијата и еколошките предности на Крушево

– Културата и историјата

Главни носители на вработеноста и профили на работодавачите

Според податоците на последниот Попис на населението во 2002 година Во општината Крушево имало 3706 активни лица од кои 1848 биле вработени. Податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека во декември 2008 година бројот на вработени изнесува 953 лица. Согласно податоците на општината, пак, регистрирани се вкупно 1275 вработени лица од кои во работен однос се 1128 лица, а останатите 147 се регистрирани како земјоделци.

Денес во општината Крушево има само еден поголем стопански капацитет кој има околу 150 вработени (ДОО Голдтекст) и неколку помали фирми во кои бројот на вработените не изнесува повеќе од 20 лица. Останатите регистрирани претпријатија се т.н. човек фирма. Податоците ја потврдуваат оваа констатација. Имено, од 252-те евидентирани фирми 218 се регистрирани како ДООЕЛ, а 34 како трговци поединци. Бројот на вработените поделен со бројот на регистрираните фирми, не вклучувајќи ги регистрираните земјоделци, изнесува 4,5 вработени по фирама. Доколку се исклучат вработените во неколкуте поголеми фирми (кои вработуваат поголем број на работници) и вработените во државната, локалната и јавната администрација од вкупниот број на регистрирани вработени, се доаѓа до поразителен податок од само 1,1 вработен по фирма во стопанството на општина Крушево.

Доминантен сектор на вработување во општината Крушево е преработувачката индустрија, чии капацитети не се извозно ориентирани. Оттаму, претпријатијата првенствено делуваат на локалниот и регионалниот пазар, а релативно помалку на националниот пазар. Денес во општината има едно средно, 3 мали и 252 микро фирми.

Стратешки документи:

Стратешки план за Локален економски развој

Стратегија за туризам со Акционен план

Локален акционен план за вработување