Крушево, 24 август 2026 година
Во Центарот за параглајдинг во Крушево, на 24 август 2026 година, свечено беше отворен натпреварувачкиот дел од Светското јуниорско првенство во параглајдинг на ФАИ, „Крушево 2026“.
На првенството учествуваат млади пилоти и национални тимови од 13 земји од целиот свет, со што Крушево уште еднаш ја потврдува својата позиција како меѓународно препознатлива дестинација за параглајдинг, спорт и авантуристички туризам.
Свечениот настан беше можност и за промоција на резултатите од проектот „Крушево и Елбасан, Патување низ природа и авантура“, кој се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку ИПА III Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија и Албанија.
Настанот го отвори градоначалникот на Општина Крушево, г-дин Нико Чонески. Свечени обраќања имаа г-дин Бен Нупнау, вршител на должноста шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, г-дин Стефан Вангелски, координатор за прекугранична соработка во Министерството за локална самоуправа, г-дин Бил Хјуз, претставник на ФАИ, Меѓународната воздухопловна федерација, како и заменик-градоначалникот на Општина Елбасан, г-дин Ирланд Сина.
Целите, активностите и досегашните резултати од проектот ги претстави г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска, раководителка на проектот. Проектот има за цел развој на одржлив, активен и авантуристички туризам во прекуграничниот регион преку инвестиции во туристичка инфраструктура, развој на капацитетите на локалните чинители, вмрежување и заедничка промоција.
Во рамки на проектот беа промовирани и двете нови полетувалишта на Црн Врв, изградени како дел од развојот на Параглајдинг центарот Крушево. Новата инфраструктура создава подобри услови за пилотите, го зголемува капацитетот на центарот и отвора нови можности за организација на меѓународни натпревари и развој на авантуристичкиот туризам.
Настанот беше збогатен и со активноста „Taste of Krushevo“, преку која гостите, учесниците и претставниците на националните тимови имаа можност да се запознаат со традиционалната гастрономија и гостопримството на Крушево.
Со Светското јуниорско првенство во параглајдинг „Крушево 2026“ и новите инвестиции во Параглајдинг центарот, Крушево продолжува да го развива својот потенцијал како меѓународна дестинација за спорт, параглајдинг и авантуристички туризам.


