Уште една успешна акција за чистење на Крушево

Се одржа уште една голема акција за чистење на Крушево во која главна улога имаа најмладите, а дел од акцијата под слоганот „За чисто Крушево“ беа градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и амбасадорот на Словачка во Република Северна Македонија Н.Е. Хенрик Маркуш.

Акцијата за чистење на отпад се спроведе на неколку локации во Крушево, а како дел од проектот на здружението „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre општината набави 7 нови контејнери за собирање отпад.

Овој настан започна во градскиот парк со кратка програма подготвена од учениците од ООУ „Никола Карев“ Крушево по што сите учесници во акцијата подигнаа неопходна опрема за чистење и се упатија на локациите предвидени за чистење.

На крајот на акцијата градоначалникот Томе Христоски порача дека се спроведе уште една успешна акција за чистење на отпад и вети дека општината ќе продолжи со опремување на комуналното претпријатие и со активности за подигање на свеста кај населението.

Оваа акција е дел од проект на Здружението „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre во соработка со Амбасадата на Словачка и Општина Крушево.