„Ајде да играме“ – иницијатива за подобра социјализација на најмладите

Од вчера, 26.08.2019, во Крушево започна да се спроведува иницијативата „Ајде да играме“ преку која млади ентузијасти од Крушево, Локален младински совет Крушево со поддршка на локалната самоуправа сакаат повторно да го вратат детскиот џагор во Крушево и на неколку часа да ги тргнат најмладите од компјутерите и телефоните.

„ Ајде да играме е иницијатива на неколку млади ентузијасти кои сакаат повторно да го слушнат детскиот џагор низ сокаците на Крушево. Идејата е бар на неколку часа да ги оттргнеме децата од компјутерите и мобилните и да ги изнесеме на маалска дружба.

Во текот на неделата ќе им ги демонстрираме игрите од нашето детство како „Суљо“, „Народна“, „Силна војска“, но и умствените игри како „Брза географија“, „Бесилка и слично. Покрај тоа имаме вклучено и посета на два музеи, Македониум и галеријата Никола Мартиноски со цел запознавање на културата и историјата на градот.

Се надеваме дека со оваа иницијатива не само што ќе им го пополниме слободното време, туку ќе ја зголемиме и нивната физичка активност и ќе придонесеме за нивната социјализација како еден од клучните фактори во нивниот развој., вели Теано Кардула која заедно со Панче Гелевски и Локалниот младински совет ја отпочнаа оваа активност.

Првиот ден од иницијативата се одржа вчера, а истата продолжува денес од 17 часот на „Гумење“ и ќе продолжи се до крајот на неделата. Настанот е отворен за сите и општина Крушево ги поканува родителите со нивните деца и млади да се приклучат на иницијативата.

Please follow and like us:
Share