Донирани 2 000 книги на албански јазик на Општина Долнени

Денеска на средното училиште „Лириндија – Преродба“ од општина Долнени се доделија 2 000 книги на албански јазик кои беа во сопственост на домот на култура „Наум Наумовски Борче“ Крушево.

Стручната литература која се донира на општина Долнени е 80 отсто стручна литература, додека останатите 20 отсто се белетристика и истата ќе биде складирана во посебна просторија во средното училиште во општина Долнени.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски порача дека Општина Долнени е една од општините со кои општина Крушево има најголема соработка, а овие книги треба да произведат нови кадри од повеќе области.

„Доделуваме околу 2 000 книги на албански јазик на општина Долнени за да покажеме дека инвестираме во образованието и негување на различните јазици како во овој случај албанскиот. Овие книги треба да произведат нови кадри од областа на правото, медицината и други и истите се наменети за повеќе заедници и јазични групи.“, рече градоначалникот на општина Крушево.

Градоначалникот на општина Долнени Џемил Ќамили порача дека веднаш штом дознал за овие книги стапил во контакт со градоначалникот на општина Крушево и се согласиле книгите да се донираат на општината Долнени затоа што во тамошната гимназија се најпотребни.

Директорот на средното училиште Лириндија – Преродба Решад Асани порача дека книгите и образованието можат само да ги зближат луѓето и народите.

Овие книги се наменети за повозрасни ученици, односно за средното училиште, затоа што претежно се работи за стручна литература која не одговара на помали возрасти.

Директорот Асани додели благодарници на општините Крушево и Долнени и Домот на култура од Крушево.

Општина Крушево и општина Долнени веќе соработуваат во проектот за реконструкција на патот с. Борино – Житоше кој ќе започне да се реконструира во текот на овој месец.