Се одржа Влашката вечер, денес отворање на Летната сцена

Синоќа,04.08.2019, се одржа традиционалната влашка вечер во рамки на Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ со настап на неколку музички и играорни групи од државата и од Србија.

На влашката вечер свое обраќање имаше градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски кој порача дека продолжува традицијата на одржување на денот на одбележување на културата на власите во рамки на Средбите.

„ Крушево е симбол на концептот на едно општеството за сите, каде обичаите од сите етнички групи се негуваат и промовираат. Во Крушево денес отворено зборуваме за македонската култура, за влашката култура, за албанската, турската и други. Доказ за тоа се низата настани кои ги организираме, а директно ги претставуваат власите и сите етнички групи во општина Крушево.“, рече градоначалникот пред присутните

Во рамки на овој ден се промовираше книга на екс градоначалникот на Крушево Иван Андре, ЦД со влашки песни и се одржа дебата на тема „Попис 2020 Win-win“.

Досега во рамки на „Десет дена Крушевска Република“ се одржа Унгарскиот ден со поддршка на Амбасадата на Унгарија, а со учесници од Северна Македонија, Србија и Унгарија. Како дел од овој ден се полагаше цвеќе на спомен плочата во чест на унгарските бегалци од 1956 година, потоа промоција на книга „Под пазувите на Коријата“ на Никола Јованоски и вечерна музичка манифестација во центарот на градот.

На 2-ри август покрај централната прослава на Мечкин Камен на градскиот плоштад „Никола Мартиноски“ во вечерните часови своја програма имаше Здружението на пезнионери од Крушево.