Пораки за сплотеност од градоначалникот Христоски на отворањето на „Десет дена Крушевска Република“

На отворањето на Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во својот говор испрати пораки за обединување и заедништво во остварувањето на аманетот на Илинденците за светла иднина.

Во својсто на претседател на Советот на „Десет дена Крушевска Република“ Христоски порача дека на 116 години од Илинденско востание обврска на граѓаните е заедно и сплотени да „продолжиме напред“.

Одбележуваме 116 години Илинден, одбележуваме 116 години слобода, одбележуваме 116 година од една голема победа на Илинденците за сите граѓани на републиката кои нам ни оставија обврска да продолжиме понатаму. Сите заедно, како што повикуваше Манифестот, без оглед на верска или етничка припадност да продолжиме напред, кон светла иднина, врз основа на она што Илинденците го создадоа. Напред можеме само заедно, со заеднички сили, со меѓусебно прифаќање и толеранција и со сите идеали и заложби на Крушевскиот манифест.  Манифестот се темели на разноликост, но и на сплотеност и тоа сме ние денес – различни, но сплотени, граѓани кои живеат заедно и секој успех е заеднички.“, рече Христоски.

Христоски продолжи велејќи дека во овие моменти граѓаните не смеат да бидат поделени, туку да покажат заедништво во градењето на една просперитетна држава за сите.

„ Во овие моменти не смееме да бидеме поделени. Илинденците ни оставија аманет да покажеме заедништво, заеднички да грабиме кон светла иднина и да ја обезбедиме иднината на нашите деца со пријателите кои ги создаваме. Нашиот патриотизам најдобро се покажува во заедништвото и градењето пријателства со оние со кои имаме заедничка цел. “, продолжи Христоски.

Споменувајќи ги имињата и делата на Питу Гули, Никола Карев, Илинденците и Партизаните градоначалникот на општина Крушево потенцира дека нивната заложба денес се отсликува преку реазлизација на голем број проекти, адресирање на проблемите на граѓаните и создавање една здрава животна средина за сите.

„ Вековната заложба на Питу Гули, Никола Карев, на Илинденците, на Партизаните денес се остварува преку создавање просперитетна држава и општина како Крушево со многу проекти кои ги решаваат проблемите на граѓаните. Наша обврска е да продолжиме понатаму и како носители на одлуки да се обидеме да придонесеме што е можно повеќе за нас, нашите деца, сите граѓани на градот, селата, регионот и државата. Како локална самоуправа секојдневно решаваме проблеми на граѓаните, а во иднина следуваат проекти кои ќе адресираат уште поголеми проблеми и потреби на граѓаните. Ова е најголемиот патриотизам. Не само да ја зачуваш државата и општината на куп, туку и да придонесеш за полесен живот и можност за успех и напредок.“

Според градоначалникт, патриотизмот не е само празни зборови, туку “патриотизам е да работиш за и со сопствените граѓани, заедно да одиме напред кон просперитетна иднина. “

Своето обраќање претседателот на Советот на Манифестацијата го продолжи со кратка презентација на програмата посочувајќи дека истата покрај зачувувањето на традиционалните вредности е создадена да привлече повеќе туристи.

„ Сакам да ви посакам убав помин вечерва и добар престој во Крушево. Ве поканувам да присуствувате на се она што го подготвивме за наредните 10 дена. На достоинствен начин да го одбележиме празникот и да го покажеме нашиот патриотизам со вистинска почит за паднатите борци. Да бидеме присутни и да се поклониме пред изградените споменици во нивна чест. Доста ни е од поделби, доста ни е од омраза, мораме да се движиме заедно напред сите ние кои и припаѓаме на оваа држава и кои се водиме од начелата на Илиденците, АСНОМ и сите херои. Заеднички да ја оставиме зад нас политиката на поделби и да продолжиме напред со политика на заедништво. Нека е за многу години.“, заклучи Томе Христоски .

Во рамки на денешниот дел ќе се одржи целодневна програма како дел од одбележувањето на унгарската култура и традиција ќе се одржат следните активности:

15:30 ч. Полагање на цвеќе пред спомен плочата во чест на унгарските бегалци од 1956г., во дворот на одморалиштето „Бегова Корија“
17:00 Промоција на книгата „ Под пазувите на коријата“ од професорот Никола Јованоски во домот на култура,
20:30 Музичка програма на градскиот плоштад.

Утре, 4-ти август, во рамки на програмата за Влашкиот ден ќе се одржат следните активности:

10:00ч. Полагање на цвеќе на гробот на Тоше Проески
11:00ч. Трибина за пописот кој треба да се одржи во државата
17:30 Промоција на книга во храмот Св. Јован
18:30 Промоција на компакт диск со влашки песни во храмот Св. Никола
19:30 Презентација на книга
20:00 Вечер на влашки песни на градскиот плоштад