Се поставуваат сувенирници на „Гумење“, проект за развој на авантуристички туризам

На месноста „Гумење“ во тек е поставувањето на куќарќи т.е. сувенирници во рамки на Проектот за развој на авантуристички туризам.

На „Гумење“, веднаш до спомен куќата „Тодор Проески“, ќе бидат поставени пет вакви куќарки кои потоа ќе бидат достапни на локални производители и со тоа ќе се уреди овој простор.

„Со куќарките ќе го уредиме просторот и ќе отстапиме место на локалните производители кои секојдневно работат со туристите кои доаѓаат во Крушево. Со ова ја подобруваме услугата кон туристите, но и ја подобруваме локалната економија“, вели градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Вкупната сума на целосната инвестиција во делот на поставување на овие објекти изнесува 3.021.813 денари, додека целиот проект кој се имплементира изнесува 500 000 евра.

Во рамки Проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ и имплементиран од Кацеларијата на Вицепремиерот за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Единицата на Проектот и општина Крушево во тек се: реконструкција на спортска сала, обележување на патеки за велосипедизам, изработка на веб сајт, веб апликација и видео, спроведување работилници, поставување информативни табли и друго.