П.С. Гитар фест започнува во четврток

Викендот што претстои од 18 до 20 јули во Крушево ќе се одржи фестивалот П.С. Гитар фестивал во организација на здружението Арт Кул, а со поддршка на општина Крушево, Министерство за култура, НЛБ банка, хотел Монтана Палас и пицерија Скар Крушево.

Во рамки на фестивалот, кој ќе започне во четврток на 18.07, во Дом на култура „Наум Наумовски Борче“ во 20 часот ќе настапат Васко Пиличев и Таќи Дробаров. Потоа во петок, 19.07., Бојан Ивановски во 20 часот во спомен куќата Тодор Проески и во сабота концерт на Владимир Четкар, во 20:30 во градскиот парк Крушево.

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски овој настан е уште еден доказ дека Крушево ги негува своите вредности и делото на крушевчани.

„Имаме многу настани летово, еден од нив е и П.С. Гитар фестивал во чест Христо Христоски Мулар. Ги негуваме вистинските вредности на нашето Крушево и истовремено нудиме богата програма за граѓаните и посетителите.“ вели градоначалникот Христоски.

Во моментов во Крушево се одржува турнир во мал фудбал со учесници од повеќе општини, а престојат Крушево будно на 26 и 27 јули, „Десет дена Крушевска Република“ од 1-ви до 10-ти август, па Крушево низ корија, ФИС Ролер ски куп Тоше Проески и Светско првенство во параглајдинг од 5 август.