Прв ден од работилницата „Ресурси и потенцијали на Крушево за активен туризам“

Во понеделник на 08.07.2019 во хотел Монтана Палас се одржа првиот ден од дводневната работилница на тема „Ресурси и потенцијали на Крушево за активен туризам“ во рамки на потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“.

Работилницата ја отвори градоначалникот на општина Крушево Томе Христоки кој се осврна на инвестициите во туризмот и повика на меѓусебна соработка.

„Во рамки на овој проект посетивме неколку меѓународни саеми, набавивме комбе и АТВ четирицикл за превоз на параглајдеристи учесници на меѓународните првенства, ја реконструираме спортската сала со проширување на нејзината намена, поставуваме сувенирници, информативни табли и обележуваме велосипедски патеки во должина од 42 километри. Ја подобруваме инфраструктурата за туризам која очекуваме да резултира со повеќе туристи, повеќе работа и профит за вас од угостителството и генерално подигнување на локалниот економски развој.“, рече градоначалникот Христоски.

Градоначалникот исто така потенцира дека се реализираа многу проекти од гранките кои се поврзани со туризмот: набавени 400 корпи од Пакомак, камион и трактор за отпад, а се очекува и реализација на набавка на контејнери. Потоа, градоначалникот додаде дека во моментов на територија на општина Крушево се одвиваат активности во вкупна вредност од 944 илјади евра, во кои спаѓа реконструкција на спортска сала, поставување сувенирници и информативни табли, реконструкција на горна училишна зграда, тампонирање на патишта до земјоделски површини, асфалтирање на пат до с. Јакреново и други.

Предавач на првиот работен ден беше професорот од Факултетот за туризам во Охрид Науме Мариноски кој одржа две интерактивни сесии со присутните од угостителскиот сектор за можностите за активен туризам во Крушево.

На работилницата свое учество зедоа претставници на ресторани, пицерии, хотели, здруженија на граѓани и други туристички работници.

Денес (09.07.2019) следува вториот ден од работилницата на која свое предавање ќе има професорката од Факултетот за туризам Иванка Несторовска.

Ова е прва од три работилници кои ќе се одржат во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од ЕУ, имплементиран од Канцеларијата на Заменик претседателот на владата за економски прашања, Едницицата на Проектот за локална и регионална конкурентност и општина Крушево.