When in Krusevo донесе над 3 000 посетители и повеќе од 400 учесници

Фестивалот на отворено „Вен ин Крушево“ (When in Krusevo) кој се одржа изминатиот викенд од 21 до 23 јуни во Крушево донесе над 3 000 посетители и меѓу 400 и 500 пријавени учесници за активностите на фестивалот.

Општина Крушево и организаторот еколошко друштво „Аутдор Манифест“ се задоволни од посетеноста и очекуваат таа догодина дополнително да расте.

„Фестивалот ги исполни нашите очекувања. Градот беше исполнет и она што беше понудено е она што Крушево најдобро го знае. До крајот на летото продолжуваме со многу активности и настани како параглајдинг натпревари, фестивалите Крушево Будно и П.С. Гитар фест. Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“, Крушево низ корија, ФИС Ролер ски куп Тоше Проески и многу други“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по завршувањето на настанот.

Димитар Ангелкоски, како еден од организаторите на When in Krusevo изрази задоволство од третото издание на фестивалот.

„ Им се заблагодаруваме на сите оние кои ја препознаа идејата, концептот на When in Krusevo и несебично го поддржаа овој настан. Оваа година, како што очекувавме, фестивалот растеше и се надеваме дека ќе продолжи да расте и во наредните години. На овогодинешниот фестивал имавме над 400 учесници што е значително подобрување во одност на минатата година кога имавме околу 300 .“, рече Ангелскоски од еколошкото друштво „Аутдор манифест“.

Настанот опфаќаше концерти под отворено небо, планинарски, велосипедски и кајк тури, јога часови, јавање на коњи, детски активности за најмладите и еколошки активности.

Покрај приватните компании настанот е поддржан од општина Крушево, Министерството за култура, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Делегацијата на ЕУ во Скопје и многу локални волонтери.