Отворена изложбата на Петар Начески, локалното богатство да се негува

Во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ во Крушево денес (19.06.2019) беше отворена изложбата на слики од авторот Петар Начески.

На отворањето на изложбата збор зеде градоначалникот на општина Крушево кој порача дека од Крушево излегле многу луѓе со кои општината денес се гордее.

„Од Крушево излегле 5 академици и многу спортисти, уметници, успешни луѓе кои ден денеска не прават горди. Петар Начески е уште едно богатство кое мора да го негуваме.“, порача градоначалникот на општина Крушево.

Сотир Габелоски, вработен во општина Крушево, кој беше своевиден водител на отворањето се осврна не само на содржината на изложбата, туку на целосното општествено делување на авторот.

„Љубовта кон ликовната уметност го прави нашиот сограѓанин, од една страна, вистински љубител и восприемач на средината во која живееме, нашето Крушево, и, од друга страна, професионален пренесувач на впечатокот на лист хартија. Затоа и велам, неговите дела носат силна порака во себе, на нас како љубители на неговите дела ни ја прикажуваат неговата широкоградост при сликањето и не’ тераат, иако лаици, да го засакаме цртежот, да ја засакаме ликовната уметност, да се заинтересираме“, потенцира Габелоски.

Кратко се обрати и авторот Петар Начески кој се заблагодари на присутните и на оние кои ја поддржаа изложбата.

„После овие убави зборови јас навистина нема што да кажам. Ве поканувам да ја погледнеме изложбата“, рече Петар Начески.

Петар Начески е поранешен професор во СОУ „Наум Наумовски Борче“ Крушево, а со ликовната уметност се занимава уште од најмала возраст. Доминантна техника која авторот ја користи е Акварел, а мотивите прикажани на изложбата се портрети, мртва природа и пејсажи од Крушево.

Изложбата ќе биде отворена до недела, 23 јуни, а настанот е поддржан од Општина Крушево и Министерството за култура.