Амбасадорката на Јапонија во посета на Крушево, се запозна со локалната традиција и историја и условите за туризам

Амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија Н.Е. Кеико Ханеда денес (31.05.2019) беше во посета на Крушево и оствари средба со градоначалникот на општина Крушево, се запозна со историјата и традицијата на градот и прошета низ уникатните крушевски улици.

На средбата меѓу Амбасадорката Ханеда и градоначалникот Христоски се разговараше за соработка во инфраструктурни проекти и искористување на можностите кои Амбасадата на Јапонија ги нуди.

„Остваривме една пријатна средба со Амбасадорката на Јапонија која верувам е само почеток на суштинска соработна меѓу нашата општина и Амбасадата. Ние веќе аплицираме до Јапонска амбасада со чии средства, доколку ги добиеме, ќе решиме уште еден суштински проблем на граѓаните на целата општина“, изјави градоначалникот на општина Крушево по средбата.

Амбасадорката Кеико Ханеда ги посети галеријата „Никола Мартиноски“ и споменикот „Илинден“ преку кои се запозна со она што најдобро го карактеризира Крушево. Исто така, Амбасадорката се запозна и со условите за туризам, а особено покажа интерес за првенството во параглајдинг кое во моментов се одржува во Крушево преку Проектот за локална и регионална конкурентност.

Подолу можете да погледнете фотографии од денешната посета.