Градоначалникот Христоски избран за член на Извршниот одбор на Асоцијацијата

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски е избран за член на извршниот одбор на Асоцијацијата на градови со културно наследство, тело кое ќе работи на заштита на културното богатство на општините на Северна Македонија.

По седницата на Асоцијацијата, одржана на 16.05.2019 во просториите на ЗЕЛС (Заедница на единици на локалната самоуправа), градоначалникот Христоски изрази задоволство за тоа што е дел од ова тело и порача дека со општините во Северна Македонија ќе работат активно на олеснување на процедурата за имплементирање на проекти во областа на културното наследство.

„За прв пат преставници од локалната самоуправа на Крушево се избрани во органите и телата на Асоцијацијата на архитектонски градови при ЗЕЛС. Во ова тело во рамките на ЗЕЛС во иднина ќе допринесеме за полесно, поедноставно и поефикасно справување со бирократските процедури со кои се соочуваат сите општини во Република Северна Македонија и полесно имплементирање на проектите од областа на културното наследство во законските рамки, со предлагање на измени во Закони и подзаконски акти преку Заедницата до Влада.“ изјави градоначалникот на општина Крушево.

На седницата беа избрани и членови од одделенија за урбанизам во општините меѓу кои Фаница Гогол, вработена во соодветното одделение, како дел од стручниот тим кој ќе работи на заштита и унапредување на културното наследство.