Бројот на туристи расте и во 2019 година

Трендот на зголемување на бројот на посетители продолжува со тоа што во месеците јануари и февруари 2019 година бројот на туристи во Крушево се зголемува во споредба со истиот период 2018 година.

Растот во бројот на посетители, според уплатената туристичка такса, во првите два месеци од годинава изнесува 13 отсто, а поголем раст е забележан во месец февруари од 32 отсто во споредба со истиот месец лани.

„Растот во бројот на туристи во месец февруари од над 30 отсто кажува дека нашата заложба за продолжување на туристичакта сезона дава резултати и Крушево не е посетено само во јануари и летните месеци, туку и останатите месеци во годината. Оваа зима и временските услови не послужија, односно имавме многу снег што беше еден импулс за привлекување туристи, но и настаните кои се повеќе ги има во Крушево, како зимското издание на „Вен ин Крушево“ (When in Krusevo)“, порачува градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Уште еден показател дека посетеноста се зголемува во текот на цела година е дека во април 2018 година Крушево забележа 46 отсто повеќе посетители во споредба со истиот месец 2017 година. Исто така, благ пораст во бројот на посетители има и во месеците септември, октомври и ноември.