Нова опрема за противпожарната единица во Крушево, единицата е целосно опремена и подновена

Општина Крушево обезбеди целосно нова опрема за вработените во територијалната противпожарна единица на Крушево. Новата опрема ќе ја замени старата и истрошена која беше минимално надградена во текот на минатата година и со тоа единицата станува целосно опремена и подновена.

Со оваа набавка продолжува опремувањето на противпожарната единица и нејзина висока спремност за несакани ситуации.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски потенцира дека службите мора да бидат опремени за подобро да ги пресретнат потребите на граѓаните.

„Минатата година набавивме само мал дел од опремата, а сега целосно ја заменуваме застарената опрема на пожарникарите со нова. Опремата која денес пристигна опфаќа комплет за работа за секој од вработените во единицата.“, изјави градоначалникот на општина Крушево.

Покрај ова целосно опремување на пожарникарите од крајот на 2017 година локалната самоуправа набави ново возило за службата и стави во функција две од постарите возила, а во текот на минатата година исто така беше набавена опрема за вработените во противпожарната единица.