Започнува реконструкцијата на спортската сала, потпишан Договорот за отпочнување со работа

Во канцеларијата на Проектот за регионална и локална конкурентност во Скопје денес (25.03.2019) градоначалникот на општина Крушево го потпиша Договорот за отпочнување со реконструкција на спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“.

Градоначалникот Христоски по потпишувањето на договорот изјави дека продолжува имплементацијата на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“, која започна во ноември 2018г., и конечно Крушево ќе добие реконструирана сала оспособена со дополнителни содржини за авантуристичките туристи, одржување натпревари и спортски подготовки.

„Со потпишувањето на овој Договор продолжува имплементацијата на проектот за кој добивме грант од 500 000 евра и крушевчани ќе добијат реконструирана сала, оспособена за повеќе намени. Салата ќе претставува и подобра спортска инфраструктура која ќе поттикне привлекување на туристи заедно со останатите активности предвидени во проектот.“, изјави градоначалникот Христоски.

Според проектот целосно ќе се реконструира салата а во неа ќе бидат имплементирани и додатни содржини како ѕидови за искачување, болдеринг, спортска опрема и слично.

Според Договорот компанијата изведувач во рок најдоцна до 10-ти април 2019 година ќе започне со реконструкција на салата, а износот на реконструкцијата изнесува 13 770 860 денари.

Реконструкцијата на спортската сала е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност на ЕУ преку ИПА 2 програмата, пот-проект „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“, чија имплементација тече од ноември 2018 година.