Крушево станува препознатлива дестинација на меѓународно ниво

Општина Крушево како дел од проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во општина Крушево“, а во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот учествуваше на меѓународните саеми за туризам во Софија, Бугарија, и Белград, Србија.

На двата саеми претставници од општина Крушево ги претставија туристичките потенцијали на општината, настаните кои се одржуваат и можностите за развој на различни водови на туризам. Општината се претстави пред повеќе тур оператори и пред медиумите од двете држави.

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски посетата на саемите е остварување на заложбата за активна промоција на градот и општината и создавање на препознатливост како дестинација на меѓународно ниво.

„Крушево од анонимно место во Македонија, полека станува препознатлива дестинација не само на државно, туку и меѓународно ниво. Преку проектите кои ги имплементираме, но и секојдневната работа на локалната самоуправа опфаќа активна промоција на Крушево пред потенцијалните посетители“, изјави градоначалникот Христоски.

Саемите во Бугарија и Србија се одржаа од 14 до 16 и 21 до 24 февруари, соодветно.