23 Светско првенство во змајарство ќе се одржи во Крушево, јули 2021г.

Воздухопловната федерација на Македонија објавува дека во јули 2021 година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во змајарство, 23-то по ред.

На „Фејсбук“ страницата на Федерацијата стои дека на пленарна седница во Лозана, Швајцарија 23-тото Светско првнство е доделено на организација на Воздухопловната федерација на Македонија.

„На последната пленарна конференција на ФАИ одржана во Лозана од 1.2 до 3.2.2019 год. официјално е доделена организацијата на 23 Светско Првенство во змајарство/hang gliding класа 1 на Воздухопловната Федерација на Македонија. Светското првенство ќе се одржи во Крушево во јули 2021 година. Ова е уште една голем успех на ВФМ и на Крушево и уште една можност да го оправда имиџот на потврден и успешен организатор на натпревари од спортското воздухопловство од највисок ранг. Честитики до управата на ВФМ, до организаторите, општината Крушево и сите други субјекти кои што несебично давале и даваат подршка на ВФМ и го потикнуваат развојот на спортското воздухопловство во Македонија.“, пишува во известувањето на Федерацијата.

За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски ова е уште една потврда за одличните природни услови за параглајдинг и змејарство, но и подобрувањето на инфраструктурата во Крушево за практикување на овие спортови.

„Ова е потврда и поттик да продолжиме да работиме на развој на авантуристичкиот туризам. Оваа година во август се организира Светско првенство во параглајдинг, организираме и Светски куп како дел од проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во општина Крушево“, а еве најново и Светско првенство во змајарство кое ќе се одржи во Крушево во 2021-ва година.“, изјави градоначалникот Христоски.

Градоначалникот на општина Крушево потенцира дека локалната самоуправа ќе продолжи да работи на подобрување на условите за параглајдинг и змајарство, развој на угостителскиот сектор и промоција на Крушево како топ 3 дестинација за авантуристички туризам во светот.

Секоја година во Крушево се одржуваат десетици меѓународни параглајдинг натпревари. Засега закажани се Крушево Озон опен во јули и Светско првенство во параглајдинг во август.