Викендов одличен настап на младите спортисти од Крушево

Изминатиот викенд Крушево беше присутно на неколку државни и меѓународни натпревари преку своите млади таленти во различни спортови.

Ставре Јада учествуваше на Јуниорско балканско првенство во биатлон кое се одржа во Словачка и освои 59-то место во индивидуалната трка и 70-то место во спринт трка.

Исто така, двата крушевски клуба во нордиско скијање постигнаа одлични резултати на ФИС Балкан купот во Грција, кој се одржа изминатиот викенд.

Дамјан Пејчиноски и Михаела Даноска од Олимпик ски клубот Крушево во категоријата Крос кантри групен стар освоија 4-то, во конкуренција од 28 натпреварувачи, и трето место од 11 во женска конкуренција. На вториот натпревар, исто така како дел од Балкан купот, Дамјан Пејчиноски освои трето место, а Михаела Даноска второ.

Ски спартак клубот за нордиско скијање и биатлон за прв пат учествува на еден меѓународен натпревар како што е Балкан куп и забележа добар настап на своите младите членови.

На национално ниво, младите пинг понгари од пинг понгарскиот клуб „Крушево“ го започнаа со победа вториот дел од сезоната во Втората македонска пинг понгарска лига на Македонија.

ППК „Крушево“ оствари победа од 4:0 на гостувањето кај ППК Градба Промет од Кавадарци.