Емотивен настап на Елена Ристеска, Крушево го одбележа 38 роденден на Тоше

Општина Крушево заедно со спомен куќата „Тодор Проески“, меѓународната фондација Тоше Проески, СОУ „Наум Наумовски Борче“, ООУ „Никола Карев“ денес го одбележа 38-от роденден на Тоше со настап на Елена Ристеска и полагање свежо цвеќе на вечното почивалиште.

Како дел од програмата свое обраќање имаше градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

„Тоше е наше богатство и мора да го чуваме. Посакувам во иднина да организираме уште повеќе настани во чест на нашиот сограѓанин. Сакам да се заблагодарам на сите учесници во настанот, а особено до Елена Ристеска“, порача градоначалникот на општина Крушево.

Покрај Елена Ристеска настапија и младите таленти Сотираки Чакалар и Марија Котеска, учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ рецитираа стихови од песни на Тоше, а беа доделени дипломи за најдобрите литературна и ликовна творба.

На настанот се обрати и директорката на спомен куќа „Тодор Проески“ Елена Мирчевска која порача дека заедно со вработените во спомен куќата работат на промоција и популаризација на овој објект со името на Тоше.

Подолу можете да погледнете дел од атмосферата на денешниот настан.