Почетна » Вести » Инфо центарот за параглајдерство отворен, Крушево станува дестинација за авантуристички туризам

Инфо центарот за параглајдерство отворен, Крушево станува дестинација за авантуристички туризам

Агенција за промоција и поддршка на туризмот

Во центарот на Крушево денес (29.06.2018) беше отворен Инфо центарот за параглајдерство и авантуристички туризам во присуство на градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, претставници од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ и граѓани на општина Крушево.

Градоначалникот Христоски во своето обраќање пред присутните порача дека општина Крушево заедно со сите засегнати страни активно работат на подобрување на услугите на градот и Крушево веќе станува дестинација за авантуристички туризам, но и дестинација за 4 сезони.

„Како што знаете општина Крушево, и јас како градоначалник, навистина веруваме дека Крушево има потенцијал како туристичка дестинација и дека можеме да понудиме квалитетен активен туризам. Нашата заложба и нашите активности се во насока да привлечеме активни, авантуристички туристи, како и да го претвориме Крушево во туристичка дестинација за 4 сезони.

Но, за да можеме да привлечеме ваков тип на туристи, сите чинители од општината треба заеднички да работиме и да ја унапредуваме понудата и квалитетот на услугите кои Крушево како дестинација ги нуди.“, порача градоначалникот Христоски.

Директорот на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски изјави дека и оваа година очекува зголемување на бројот на туристи во Крушево и Агенцијата ќе продолжи со својата поддршка за општината.

„И оваа година очекуваме зголемување на бројот на туристи од 20 до 25 отсто, а Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот е особено присутна во Крушево и придонесува кон унапредувањето на оваа туристичка дестинација“, рече Директорот Јаневски.

Пред присутните се обрати и Игор Тодевски од параглајдинг клубот Хели ХЦ клубот кој се заблагодари за поддршката во основањето на овој Инфо центар.

Инфо центарот ќе служи како информатор за туристите во Крушево и медијатор помеѓу потенцијалните туристи и угостителскиот сектор.

Share