За 6 месеци работа – 50 проекти, обезбедени донации, средби, соработки и фокус на клучните проблеми

Во првата половина на годината Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и локалната самоуправа работеа на повеќе од 50 проекти, реализираа низа донации, остварија средби и се фокусираа на клучните проблеми на граѓаните.

Преку Министерството за животна средина се обезбедија 270 000 евра за изградба на канализација (прва фаза) во Норово, цевковод во Саждево и резервоар за питка вода во Борино, како и средства за изработка на основен проект за изградба на фекална канализација со пречистителна станица во село Алданци.

Во соработка со Јавното претипријатие за државни патишта се реконструираше патот до село Пуста Река, преку Агенцијата за управување со одземен имот беше набавено ново патничко возило и донација од 10 000 литри нафта преку Министерство за животна средина и Дирекциајта за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.

Од она што се работеше на ниво на град Крушево голем дел опфаќа реконструкцијата на шест (6) улици, одблокирање на сметката на НКС „Десет дена Крушевска Република“ и подготовка за програмата за оваа година, поставување на вештачка трева на полетиштето на Мечкин Камен.

Локалната самоуправа и јавното прептпријатие „Комуна“ започнаа со активна работа на полето на градска хигиена. Ќе се набави ново возило за собирање на отпад, а преку Програмата за општинско-корисна работа се ангажираа 5 лица кои работат на полето на градската хигиена.

Во село Острилци започна изградбата на хидроцентрала и уредување на просторот во селото.

Во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Воздухопловната федерација на Македонија општина Крушево активно работи на промоција на градот и на угостување на Европското и Светско првенство во змејарство, кое ќе се одржи од 8-ми јули до 21-ви.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски оствари многу средби, меѓу кои ги издвојуваме средбите со Унгарскиот амбасадор Н.Е. Ласло Дукс и Семјуел Жбогар, Амбасадор на ЕУ во Македонија, а за прв пат се организираа одбележување на денот на Власите на 23-ти мај и „Вечери во чест на Васил Иљоски“.

Општина Крушево се вклучи во повеќе проекти со неколку невладини организации како што се FInance Think, АГТИС, Младински Сојуз Крушево, Младински совет Прилеп и други и работи во областа на транспарентноста, младинте, промоција на Крушево.

Градоначалникот Христоски најавува дека постојано се работи и резултатите се веќе видливи.

„Работиме напорно, но е потребен дополнителен труд и заложба. Административните работи не’ кочат но се трудиме што побрзо да ги реализираме започнатите проекти. Се заложив за поубаво Крушево и тоа го покажав изминатите 6 месеци“, потенцира градоначалникот на општина Крушево.