Приредба во ОУ „Никола Карев“ за Денот на Власите

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и претседавачот на Советот на општина Крушево Тома Петроски денес присуствуваа на скромната приредба во ОУ „Никола Карев“ по повод 23-ти мај Националниот ден на Власите.

Во своето обраќање градоначалникот Христоски порача дека ваквите денови се празници на сите граѓани на Македонија и Крушево и тие помагаат во зацврстувањето на меѓуетничките односи.

„23-ти мај е уште еден симбол на мултикултурното и мултиетничкото општество кое го градиме и унапредуваме. Концептот на едно општество се зацврстува секоја година кога ги одбележуваме деновите на различните националности“, порача градоначалникот на општината.

Градоначалникот Христоски на крајот од своето обраќање додаде дека овој настан за прв пат се одржува во Крушево, а од наредната година програмата ќе биде побогата и ќе вклучува и припадници на други националности.

Свои обраќања имаа и директорката на основното училиште Оливера Чавкароска која го изрази своето задоволство што е раководител на институција која вдомува деца од различни националности, а наставникот Ставре Шоке се обрати на влашки јазик, го честита празникот и ја најави програмата.

Учество во приредбата зедоа учениците од ОУ „Никола Карев“ со музички и литературни точки.