Угостителите, Агенцијата за туризам и Општина Крушево заедно ќе работат на привлекување повеќе туристи

Денес, 3-ти април, во хотел Монтана Палас во Крушево се одржа средба меѓу Општина Крушево, угостителите од општината и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на која се претстави проектот „Локална и регионална конкурентност“, Градоначалникот Христоски ги повика угостителите на соработка, a гостуваше и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски кој ги образложи активностите што Агенцијата ги презема за промоција и развој на туризмот во Крушево.

Татјана Хасану од одделението за локален економски развој ги образложи деталите од проектот финансиран од ЕУ со 500 000 евра, а Градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски ги повика угостителите заеднички да го развиваат туризмот и најави градежна експанзија во Крушево.

„Ние не знаеме се’, ни’ треба и Вашата поддршка и соработка за да угостиме што повеќе туристи во Крушево. Работиме на многу проекти и најавувам дека Крушево ќе доживее градежна експанзија.“, порача Градоначалникот Христоски.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски порача дека минатата 2017-та година бројот на туристи во Крушево се зголемил за 10 отсто и најави дека Агенцијата стои зад Крушево.

„Минатата година за 10 отсто се зголеми бројот на туристи и годинава очекуваме повторно зголемување… Изработивме рекламен материјал за Крушево во форма на брошури, видео материјал и во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите активности“, изјави Јаневски.

На средбата со свои сугестии излегоа угостителите од градот и побараа поддршка од Агенцијата за туризам за Крушево да стане дестинација за подолг период од една година.